Апликацијата за пораки Telegram стана профитабилна.

Вкупниот приход на Telegram во 2024 година надмина милијарда долари, објави основачот на оваа социјална мрежа Павел Дуров.

Компанијата, која ја започна својата услуга за премиум претплата во 2022 година, сега има 12 милиони корисници кои плаќаат, додаде Дуров.

Дуров, исто така, рече дека фирмата ја завршува годината со повеќе од 500 милиони долари во готовински резерви, не сметајќи ги нејзините средства во криптовалути, известува Tech Crunch.

Извршниот директор на Telegram рече дека компанијата исплатила значителен износ од своите должнички обврзници оваа есен, но додаде дека има „многу работа“ во таа област.

Претходно оваа година, во интервју за Фајненшл Тајмс, Дуров рече дека компанијата ќе достигне профитабилност во 2025 година и дека има за цел да излезе на берза во иднина.

Telegram, кој има повеќе од 950 милиони месечни активни корисници, воведе нови функции за бизнисите, додаде услуга за споделување приходи од реклами, им овозможи на креаторите да заработуваат преку платена содржина на каналите и лансираше мини продавница за апликации.