декември 23, 2024

 Поддржувачите на екстремно десничарскиот поранешен претседател на Бразил, Жаир Болсонаро упаднаа вчера во Конгресот, претседателската палата и Врховниот суд во бразилската престолнина, како мрачен потсетник на инвазијата на американскиот Капитол од страна на поддржувачите на Доналд Трамп пред две години.

Левичарскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој го победи Болсонаро на изборите во октомври, најави „федерална безбедносна интервенција“ во Бразилија која ќе трае до 31 јануари, откако демонстрантите успеаја да ги совладаат безбедносните сили. Околу три часа по првичните извештаи за упадот на демонстрантите, безбедносните сили успеаја повторно да заземат три од најважните згради во главниот град.

Лула, кој беше инаугуриран на 1 јануари, го обвини Болсонаро за разгорување на неговите приврзаници по кампањата со неосновани тврдења за потенцијална изборна измама по крајот на неговото владеење обележано со националистички популизам.

Сојузниците на претседателот, исто така, покренаа прашања за тоа како безбедносните сили во бразилскиот главен град беа толку неподготвени и толку лесно совладани од бунтовниците кои со денови најавуваа протести за викендот на социјалните мрежи.

„Тие вандали, кои би можеле да ги наречеме… фанатични фашисти, направија нешто што никогаш не било направено во историјата на оваа земја“, рече Лула на прес-конференција за време на официјалната посета на државата Сао Паоло. Сите луѓе кои го направиле тоа „ќе бидат пронајдени и ќе бидат казнети“, рече тој.

Поддржувачите на Болсонаро оставија трага од уништување пред себе, фрлајќи мебел низ скршените прозорци на претседателската палата, поплавувајќи делови од Конгресот со системи за заштита од пожари и уништувајќи свечени простории во Врховниот суд.

Упадот на илјадници демонстранти облечени во жолто-зелено во Конгресот, Врховниот суд и претседателската палата во главниот град Бразилија е кулминација на повеќемесечната тензија по гласањето во Бразил на 30 октомври.

Болсонаро, сојузник на Трамп, кој допрва треба експлицитно да го признае поразот, го изнесе лажното тврдење дека бразилскиот електронски систем за гласање е склон кон измами, што предизвика насилно движење за негирање на изборните резултати.

Поранешниот бразилски претседател, кој се наоѓа во САД, ги отфрли „недокажаните обвинувања“ на неговиот наследник Лула, дека за „фашистичкиот вандализам“ е виновна реториката на неговиот претходник.

И партијата на поранешниот претседател ги осуди постапките на неговите приврзаници, јави ДПА.

„Денес е тажен ден за бразилската нација. Денешните настани во Бразил се срам за сите нас, тие не ја претставуваат нашата партија, тие не го претставуваат Болсонаро“, изјави лидерот на Либералната партија, Валдемар Кошта Нето.

Болсонаро на Твитер напиша и дека „нападите и уништувањето јавни објекти“ е во спротивно со правото на мирен протест.

Во меѓувреме, гувернерот на Федералниот округ на Бразил, Ибањез Роша, е привремено сменет од функцијата од страна на Врховниот федерален суд на земјата. Тој е суспендиран на „најмалку 90 дена“ поради „злонамерно непостапување“.

„Ништо не може да го оправда неделувањето и толеранцијата на шефот на службата за јавна безбедност и гувернерот на федералниот округ кон криминалците кои претходно ја објавија својата намера да извршат насилни дејствија против властите“, се вели во судската одлука. 

Судот, исто така, нареди дека камповите во близина на воените бази поставени од поддржувачите на Болсонаро кои повикуваат на државен удар мора да бидат отстранети во рок од 24 часа и дека патиштата и зградите мора да се деблокираат. 

Утринава телевизијата „Глобо“ објави дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се вратил во Бразилија и ги посетил претседателската палата и Врховниот суд, во кои претходно упаднаа приврзаници на поранешниот шеф на државата Жаир Болсонаро.

Лула донесе одлука за „полициска интервенција“ со вклучување полициски сили од целата земја за враќање на контролата и безбедноста во главниот град.

Американските и француските власти го осудија упадот на приврзаниците на екстремната десница во државните институции во Бразил.

Белата куќа го осуди „обидот да се поткопа демократијата во Бразил“ и додаде дека американскиот претседател Џо Бајден внимателно ја следи ситуацијата и ги поддржува бразилските демократски институции.  

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на почитување на демократските институции и ја истакна својата „непоколеблива поддршка“ за бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.

„Мора да се почитува волјата на бразилскиот народ и демократските институции. Претседателот Лула може да смета на непоколебливата поддршка од Франција“, напиша Макрон на Твитер.  

Француското МНР соопшти дека упадот на приврзаниците на екстремната десница е „неприфатливо преиспитување на резултатите од претседателските избори“ на кои Лула го победи Болсонаро.

Според прелиминарните податоци, во немирите помеѓу приврзаниците на поранешниот бразилски претседател и полицијата учествувале околу 5.000 луѓе. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK