Членовите на телото беа известени преку електронска пошта дека Советот повеќе не е „најдобрата структура“ за да носи „надворешни увиди во работата за развој на производи и политики“
Компанијата Твитер под водство на новиот извршен директор Илон Маск синоќа го распушти Советот за доверба и безбедност.
Членовите на телото беа известени преку електронска пошта дека Советот повеќе не е „најдобрата структура“ за да носи „надворешни увиди во работата за развој на производи и политики“, објави „Вашингтон Пост“.
Електронската пошта пристигнала непосредно пред видео-состанокот на членовите на Советот со претставниците на Твитер на кој требаше да се разговара за неодамнешните случувања, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на извори блиски до компанијата.
„Благодарни сме за вашиот ангажман, совети и соработка во последните години и ви посакуваме успех во иднина“, се вели во електронската пошта.
Твитер формираше советодавна група во 2016 година за да ја направи платформата побезбедна и да одговори на говорот на омраза, експлоатација на деца, самоубиства, самоповредување и други прашања.
Советот за доверба и безбедност се состоеше од околу 100 членови на независни граѓански организации, организации за човекови права и други организации.
Сопственоста на Маск на Твитер е обележана со хаос во компанијата, бидејќи тој се обидува да ја направи профитабилна преку масовни отпуштања и воведување политики кои наидоа на широко внатрешно противење.
АА
Следете не, не има насекаде