Македонската филхармонија оваа сабота ќе им подари посебно музичко доживување на најмладите, со концертот „Оловното војниче“, инспириран од познатата бајка на Ханс Кристијан Андерсен. Настанот ќе започне во 12 часот и е наменет токму за детската публика, со цел преку музика и раскажување да се доближи класичната уметност до најмладите.
Концертот ќе биде изведен од оркестарот на Македонската филхармонија, со музика на македонскиот композитор Филип Иванов, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев. Во улога на наратор ќе се појави актерот Мартин Јордановски, кој ќе ја води публиката низ магичната приказна.
Сценската изведба ќе биде дополнително збогатена со видео проекции, кои ќе ја следат музичката приказна и ќе создадат целосно визуелно и аудитивно искуство за децата. Приказната започнува со познатата сцена во која едно дете добива кутија со 25 оловни војничиња, изработени од стара лажица, по што се развива нежна и емотивна приказна за љубовта и храброста.
Организаторите најавуваат дека овој концерт е дел од напорите за едукација и културно издигнување на младата публика, преку интерактивни и внимателно осмислени програми што ја спојуваат класичната музика со раскажувањето и визуелната уметност.
The post Магична приказна оживува на сцена: „Оловното војниче“ ги носи децата во светот на музиката и фантазијата appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
