мај 7, 2026

Додека илјадници туристи веќе резервираат летување за ова лето, сè повеќе Македонци размислуваат за поинаков чекор – наместо секоја година да плаќаат сместување, да купат сопствен стан или куќа во Грција. Иако многумина мислат дека цените одамна „избегале“, реалноста на грчкиот пазар во 2026 година покажува дека сè уште може да се најдат изненадувачки поволни недвижности покрај море.

На Тасос, камени куќи се нудат и за околу 38.000 евра, додека студија на само педесетина метри од плажа можат да се најдат за околу 65.000 евра. Во Халкидики, пак, реновиран стан во Ханиоти достигнува околу 90.000 евра, што за многумина претставува инвестиција која долгорочно може да се исплати преку изнајмување.

Секој регион во Грција има свои специфики и различен тип купувачи. Халкидики со години важи за најпосакувана дестинација кај Македонците, но таму се плаќа не само квадратурата, туку и самото име на местото. Ханиоти е меѓу најскапите и најбараните локации, каде цените ретко оставаат простор за преговарање. Од друга страна, Полихроно нуди нешто попристапни цени, додека Пефкохори е познат по помодерни станови и апартмани со поглед кон море.

Калитеа во последните години бележи вистински бум со новоградба и современи комплекси, каде сè уште може да се најдат недвижности под 90.000 евра, особено ако станува збор за помали станови.

Покрај Халкидики, големо внимание привлекува и Пиерија. Паралија нуди значително пониски цени, а студија близу плажа можат да се најдат и под 70.000 евра. Лептокарија важи за една од најевтините опции на грчкото приморје, со новоградба под 65.000 евра, па дури и поевтини постари станови. Сепак, таму туристичкиот промет е помал, што значи и поскромна заработка од изнајмување.

Во сосема поинаква категорија е Сивота – дестинација која станува сè попопуларна поради Јонското Море, природните убавини и луксузниот имиџ. Таму цените растат од година во година, но многу инвеститори веруваат дека токму Сивота има најголем потенцијал за добивка во иднина.

Тасос, пак, останува омилена дестинација за оние што бараат најниска влезна цена. Таму може да се најдат куќи и апартмани под 50.000 евра, но најчесто станува збор за постари објекти кои бараат реновирање. За многумина тоа не е недостаток, туку можност со вложување да создадат сопствено место на море по значително пониска цена.

Процедурата за купување недвижност во Грција е релативно јасна, а странски државјани можат легално да купуваат имот. Потребно е да се извади грчки даночен број – AFM, задолжително е ангажирање адвокат, а имотот мора да се провери во катастар. Дополнителните трошоци обично изнесуваат меѓу 7 и 10 проценти од цената на имотот и вклучуваат данок на пренос, нотарски услуги, адвокат и агенциска провизија.

Голем интерес предизвикува и таканаречената „златна виза“, преку која со инвестиција од најмалку 250.000 евра во одредени региони може да се добие петгодишна дозвола за престој во Грција. Сепак, тоа не значи автоматско добивање државјанство.

Според проценките на агенциите, недвижностите во Халкидики можат да носат принос од 5 до 8 проценти годишно преку летно изнајмување, особено во атрактивните туристички места. Помалите и поевтини дестинации носат помала заработка, но и бараат значително помала почетна инвестиција.

Во време кога цените на летувањата постојано растат, многумина почнуваат да гледаат на купувањето недвижност во Грција не само како луксуз, туку и како долгорочна инвестиција и можност за сопствено место покрај море.

Share

The post Грција стана хит меѓу Македонците: Куќа на Тасос за 38.000 евра – еве како се купува недвижност на море! appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK