Компанијата „МЕПСО“ ја обжалила одлуката на предарбитражното тело за спорови кое одлучи во корист на компанијата „Енергоинвест“ од Сараево која требаше да го гради интерконекторот кон Албанија.
Од МЕПСО се убедени дека ќе ја добијат правната битка со „Енергоинвест“ посочувајќи дека аргументите се на нивна страна. Консултирале и две реномирани адвокатски компании од САД чие мислење е дека МЕПСО има многу јака основа за арбитража.
Актуелното раководство на компанијата вели дека одлуката за раскинување на договорот во декември 2024 година е донесена врз основа на опсежна анализа и дека направена е и форензика на договорот во кој се анализирани сите аспекти на проектот, а консултирани се и финансиерите кои укажуваат дека дури и да му биле исплатени дополнителните 7,7 милиони евра што ги побарал Енергоинвест, сепак тие не би биле во можност да го реализираат проектот затоа што целосно се потрпеле на подизведувачи од струшко кои имале искуство во градежништвото, но не и во енергетиката.
Реализацијата на проектот од страна на Енергоинвест била само четири проценти на терен, односно биле поставени само 24 темели од вкупно планираните 269 темели, а компанијата во 2022 година го напуштила градилиштето и оттогаш до раскинувањето на договорот воопшто не се појавила.
Во текот на 2023 година од претходните раководства во АД МЕПСО на компанијата и биле понудени два анекси на договорот, едниот во вредност од 2,8 милиони евра и вториот од 4,5 милиони евра, но и двата се одбиени од страна на Енергоинвест. Во мај 2023 година, согласно договорот, истекува рокот за завршување на работите по што тогашниот Управен одбор на МЕПСО носи одлука за раскинување на договорот, но Надзорниот одбор ја стопира и повторно на Енергоинвест му се дава уште една шанса по што конечната одлука е донесена во декември 2024 година.
Убедени сме дека предметот ќе заврши во наша корист врз основа на сите документи и аргументи што ги имаме, велат од актуелното раководство на АД МЕПСО.
Посочуваат дека со неисполнување на обврските од страна на Енергоинвест, МЕПСО досега има изгубено 19,8 милиони евра.
Согласно одлуката од предистражното тело за спорови, МЕПСО треба да плати шест милиони евра оштета бидејќи еднострано го раскинала договорот со Енергоинвест.
Случајот доби и политичка позадина. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) побараа истрага за актуелното раководство на МЕПСО обвинувајќи го сегашниот генерален директор Бурим Љатифи дека го поништил договорот со Енергоинвест и го заменил со компанија која е блиска до Милорад Додиќ.
Од ВРЕДИ пак посочуваат дека договорот имал сериозни проблеми како дополнителни финансиски барања, напуштање на градилиштето и загуби за државата и дека раскинувањето на договорот е направено врз институционална основа и професионална анализа.
The post МЕПСО тргнува во нова правна офанзива – Обжалена одлуката за „Енергоинвест“ appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
