Џон Траволта доживеа еден од најемотивните моменти во својата кариера на Кански филмски фестивал, откако беше изненаден со почесна Златна палма за животно дело.
Легендарниот холивудски актер пристигна во Кан по повод светската премиера на неговиот прв филм како режисер – Propeller One-Way Night Coach, но вечерта се претвори во вистинско изненадување кога организаторите му ја врачија престижната награда.
Видно емотивен, 72-годишниот Траволта изјави дека признанието за него значи повеќе и од Оскар.
„Ова е повеќе од Оскар. Целосно изненадување. Не ми се верува, ова е последното нешто што го очекував“, рече актерот пред публиката во Кан.
Траволта, кој двапати бил номиниран за Оскари, доби долги овации од присутните, а моментот брзо стана еден од најсподелуваните од овогодинешниот фестивал.
Неговиот нов филм „Propeller One-Way Night Coach“ е семејна авантура сместена во „златната ера на авијацијата“, а сценариото е базирано на детска книга што самиот Траволта ја објавил уште во 1997 година.
Освен што го режирал и копродуцирал филмот, Траволта игра и една од главните улоги.
Посебно внимание привлече и фактот што во филмот настапува неговата ќерка Ела Блу Траволта, што за актерот, според блиски извори, го прави проектот уште поемотивен.
Со ова признание, Кан му оддаде почит на еден од најголемите филмски симболи на Холивуд, чија кариера трае повеќе од пет децении и зад себе има култни филмови и улоги што оставија траен белег во светската кинематографија.
The post „Ова е повеќе од Оскар!“: Џон Траволта во солзи по големото изненадување во Кан appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
