мај 17, 2026

Додека многу тинејџери работат сезонски работи за да заработат џепарлак или да заштедат за факултет, 17-годишната Суландри Котзе од Јужноафриканска Република избрала сосема необичен бизнис – чистење и обновување запуштени гробови.

Денес, од таа идеја не само што заработува за своето идно школување, туку нејзиниот мал семеен бизнис прераснал во успешна работа која предизвикува силни емоции кај клиентите.

Суландри сонува да стане медицинска сестра, но не сакала нејзините родители да ги плаќаат трошоците за факултетот. Пред две години почнала да размислува како сама да обезбеди пари за студии и тогаш ја добила идејата што ѝ го променила животот.

Забележала дека многу гробишта се запуштени, обраснати со трева и нечистотија, а дел од надгробните споменици речиси не можеле ни да се прочитаат.

„Местата каде што почиваат луѓето не треба да бидат заборавени“, смета таа.

Само еден месец откако дошла до идејата, нејзините родители Дирк Котзе и Андри Котзе објавиле оглас на Facebook и многу брзо ги добиле првите клиенти.

Денес Суландри редовно одржува околу 75 гробови, кои ги чисти двапати месечно.

Цената зависи од состојбата на гробот, неговата големина и дали семејството бара дополнителни работи како поставување свеж чакал или цемент.

По секое чистење, семејството им испраќа фотографии и видеа на роднините за да можат да видат како изгледа последното почивалиште на нивните блиски.

Нејзиниот татко вели дека реакциите често се многу емотивни.

„Луѓето ни пишуваат дека едвај чекаат секој месец да ги добијат фотографиите. Велат дека имаат чувство како лично да го посетиле гробот“, раскажува тој.

Работата понекогаш изгледа и како детективска мисија.

Многу клиенти живеат далеку од гробиштата во Hoopstad Cemetery и не можат редовно да ги посетуваат гробовите, па семејството Котзе често мора да ги бара само по непрецизни описи.

„Ќе ни кажат: свртете лево кај влезот, одете до последниот ред и некаде кај големото дрво е гробот… но гробиштата се смениле низ годините“, објаснува Дирк.

Кога конечно ќе ги пронајдат, многу од гробовите се во лоша состојба – обраснати со трева, оштетени или дури урнати.

Интересно е што преку овој бизнис семејството открило и дел од сопствената историја.

Мајката Андри, при една потрага по гроб, наишла на надгробен споменик со презиме што ѝ звучело познато. Подоцна открила дека станува збор за гробовите на нејзините прадедо и прабаба, кои починале многу пред нејзиното раѓање.

Денес целото семејство е вклучено во работата – таткото се грижи за организацијата и материјалите, мајката за администрацијата, а помага и момчето на Суландри, Питер Принслу.

Иако работата бара многу физички труд, Суландри вели дека најголема среќа ѝ носи фактот што им помага на луѓето да останат поврзани со своите најблиски, дури и кога се далеку од нивните гробови.

Така, необичната идеја што почнала како начин за плаќање факултет, денес ѝ носи стабилна заработка и живот што многумина го нарекуваат – живот „како кралица“.

Share

The post Мислела дека само ќе собере пари за факултет, а потоа необичната работа ѝ го променила животот appeared first on info.mk.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK