По потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Хрватска, директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, учествуваше на сесијата за економски дијалог и вмрежување меѓу институционалните претставници и бизнис-заедницата, каде што биле разгледани конкретни можности за нови инвестиции и продлабочување на економската соработка.
Од МЕПСО информираа дека во рамки на билатералната средба меѓу двете влади, предводени од премиерите Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ, било потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји, како и заложбата за унапредување на соработката во областа на економијата, инфраструктурата и енергетиката.
– По потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете влади, имав задоволство да учествувам на сесијата за економски дијалог и вмрежување меѓу институционалните претставници и бизнис-заедницата, каде што беа разгледани конкретни можности за нови инвестиции, проширување на економската соработка и зајакнување на врските меѓу јавниот и приватниот сектор – изјави Љатифи.
Тој нагласил дека развојот на енергетската инфраструктура и дигиталната трансформација на системот за пренос на електрична енергија се од клучно значење за зголемување на енергетската сигурност и стабилност, како и за подлабока интеграција во европските енергетски пазари.
Според него, актуелниот фокус на МЕПСО е насочен кон проектите за регионално поврзување, особено интерконекцијата со Република Албанија преку изградба на трансформаторска станица и далекувод. Станува збор за два стратешки проекта што ги реализираат хрватските компании „Далековод Загреб“ и „Кончар Груп“.
– Врз основа на моето професионално искуство, добро ја познавам важноста на странските инвестиции и нивната клучна улога во развојот на јавните институции и приватните компании, преку придонес кон модернизација, зголемување на капацитетите и подобрување на економските перформанси – додаде Љатифи.
Од МЕПСО оценуваат дека продлабочената соработка меѓу Северна Македонија и Хрватска претставува значаен чекор кон развој на регионалната енергетска инфраструктура, зајакнување на стратешкото партнерство и создавање поповолна клима за одржливи инвестиции и долгорочен развој.
The post Љатифи: Стратешките врски со Хрватска се шанса за економски и енергетски напредок appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде
