Демократиите не можат да опстојат без слободни медиуми кои денес се соочуваат со големи предизвици – дезинформации, лажни вести, дигитална трансформација, закрепнување во постковид-периодот, но слободата на медиумите во регионот на Западен Балкан има ограничен напредок и тука треба многу да се работи. Постковид-кризата во медиумите ја интензивираше миграцијата кон онлајн медиумите, како и експанзијата на лажни вести, а со оглед на економската ситуација со која се соочуваат поголем дел од медиумите во земјава и во регионот, борбата против дезинформациите и негувањето квалитетно новинарство се доста отежнати. Од друга страна, со напливот на социјалните медиуми, самите политичари станаа сам свој медиум, при што и тие неретко се извор на лажни вести. Во прилог на ова оди и последното истражување на Институтот за комуникациски студии, според кое голем дел од македонските граѓани сметаат дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации.
Тијана Цвијетичанин од платформата „Раскринкавање/Зошто да не“ од Босна и Херцеговина, за МИА оценува дека кога ќе се појави одредена дезинформација, што се однесува на пример за нешто глобално, ретко се случува таа да се прошири само во една држава и таму и да остане.
– Особено во овие четири држави во кои се зборува ист јазик тоа постојано се прелева од едно место во друго и затоа е значајна нашата меѓусебна соработка за побрзо, поефикасно, поквалитетно да одговориме и што помалку ресурси да трошиме на нешто што некој друг веќе го направил. Тоа е нешто што е многу значајно за нас, вели таа.
За тоа како влијаат дезинформациите врз општеството, Цвијетичанин вели дека тоа зависи од тоа за кои теми зборуваме.
– Некои теми, континуирано повеќе се подложни кон дезинформации и дезинформациите подобро се примаат. Оние наративи што се антизападно насочени, во кои се измислуваат одредени приказни за државите од ЕУ, или САД или НАТО… да се прикажат во полошо светло, се нешто што е присутно во целиот регион и е доста успешно, бидејќи се потпира на одреден супстрат што веќе постоел, било со некоја воена пропаганда во 90-те, било низ некои официјални државни политики од претходната држава, но тоа се работи што брзо се шират и луѓето во нив интензивно веруваат, оценува таа.
Цвијетичанин посочува и дека кога се зборува за локални процеси, доста зависи од тоа кој го контролира протокот на информации.
– Тоа, за жал, кај нас во голема мера се партиите на власт, бидејќи имате пристап кон јавните сервиси, имате други манифестации што ги нарекуваме „медија кепчр“, едноставно имате нефер предност во испраќањето на своите пораки на кој било друг во општеството. Потоа имате актери, политички актери, кои се фокусираат на тоа својот политички наратив да го подигнат во јавноста преку дезинформации, бидејќи за жал, тоа е многу често, многу успешно, оценува таа.
Во Босна и Херцеговина, вели таа, имаме многу добар пример за тоа како еден долготраен наратив се одржува во корист на владејачката партија во Република Српска, а тоа е наративот дека постојат некакви завери за соборување на претседателот на ентитетот Милорад Додик, за правење некакви револуции, за атентати, а дури неодамна имаше и приказна за тоа дека НАТО планира да го киднапира.
– Значи тоа се работи кои можеби звучат смешно, но тие константно, особено во периоди пред избори, интензивно се туркаат во јавниот дискурс и постои некој вид што е дури и здраворазумски прифатена работа. Ако сега правите анкета, на пример, колку луѓето веруваат во тоа дека Владата на Велика Британија има план да го собори Милорад Додик, верувам дека процентот би бил доста висок, иако тоа е приказна што се раскажува веќе 15 години и никогаш не се остварила, ниту пак ќе се оствари, бидејќи е измислена. Значи зависи колку труд се вложува во туркање на одреден наратив што се базира на дезинформации и колку тој може да се поврзе со некои претстави, што веќе постојат кај луѓето, оценува Цвијетичанин.
Во однос на тоа како БиХ се справува со дезинформациите, таа вели дека начинот не е баш најдобар, со оглед на тоа што медиумскиот пазар е доста слаб, на медиумите им е многу тешко да преживеат и е многу тешко да се негува квалитетно новинарство.
– Во такви услови каде што од една страна имате притисок од политичките актери, а од друга страна имате пазар што не може да ве поддржи во тој број во кој медиумот постои, за жал, се прибегнува кон овие некои лесни решенија за да се дојде до публиката. Тоа е нешто што медиумите ги чини значително подложни на „копи-пејст“ новинарство, нешто каде дезинформациите „цветаат“, вели таа.
Цвијетичанин за МИА оценува и дека ситуацијата и во другите земји во регионот е доста слична, бидејќи и економските услови ни се слични, но и политичките не се толку различни. Според неа, политичката култура во државите од регионот во смисла колку се развиени демократијата и свеста за значењето на слободните медиуми и колкава е платежната моќ на населението за да може да ги поддржи медиумите така што ќе ги купува или да се претплатува, се фактори што структурално се многу слични и затоа тие произведуваат многу слични резултати.
Раша Недељков од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија, за МИА вели дека според нивните истражувања и анализи, во Србија најголемиот број дезинформации или манипулации на факти потекнуваат токму од медиумите.
– Значи најголем процент на дезинформациите потекнуваат од мејнстрим медиумите, значи зборуваме за највлијателните, најраспространетите телевизии или списанија и нивните онлајн изданија. Она што од друга страна е поразително за нашата демократија е пред се дека и политичките елити, но и влијателните јавни личности кои во јавноста се појавуваат како експерти од различни видови, се исто така извори на различни дезинформации кои пред се служат на некои вредности во поткопувањето на ЕУ и пред сè негативно пласирање информации за Западот, вели Недељков.
Она што пред сè е цел на дезинформации, според Недељков, е јакнење на политичките структури во Србија на недемократски основи, креирање култ на личноста и поткопување на односот со соседните земји, што, според него, има големо влијание врз целиот регион.
Во однос на тоа дали во Србија има странско влијание во однос на дезинформациите, тој вели дека всушност главен извор на дезинформации се домашните политичари и домашните медиуми.
– Тие многу често следат некакви наративи и пораки што доаѓаат од странство, но за разлика од некои други земји, каде гледаме дека токму непрофесионалните медиуми и таблоиди се тие кои шират дезинформации, во Србија пред сè телевизиите што користат јавни фреквенции се најголем извор на дезинформации, оценува Недељков, додавајќи дека при тоа националниот сервис РТС можеби е дури и најпретпазлив кога станува збор за ова прашање.
Петрит Сарачини од македонскиот Институт за медиуми и аналитика (ИМА) оценува дека справувањето со дезинформации е предизвик и на светско и на европско ниво, но е особено голем предизвик за македонското општество, но и за други земји во регионот, во кои се чувствува сериозно влијание на дезинформациите кои доаѓаат однадвор.
– Во светски и европски рамки во справувањето со дезинформациите се вклучени многу влијателни и професионални мејнстрим медиуми, кои се занимаваат и со проверка на факти и разобличување на дезинформациите, и од домашни и од странски извори. За жал, тоа не е случај кај нас, каде борбата со дезинформациите главно ја водат неколку граѓански организации и медиуми, но нивното влијание е ограничено и е далеку од она што го имаат мејнстрим медиумите. Тоа не е доволно за справување со експлозијата на дезинформации со која се соочуваме, оценува Сарачини за МИА.
Според него, она што ни треба е следење на светските и европските практики и повеќе содржини за разобличување на дезинформациите и едукација на публиката во големите и влијателни медиуми кај нас.
– Големите медиумски куќи треба да разберат дека борбата со дезинформациите и непрофесионалните медиуми е нивна борба, затоа што тие најмногу го загрозуваат опстанокот на професионалните и сериозни медиуми. Сензационалистичките содржини и дезинформации што се произведуваат евтино и со голем квантитет веќе земаат голем дел од публиката која е подложна на консумирање такви содржини. Тоа ги оддалечува од медиумите оние што сакаат да се информираат квалитетно и тие се повеќе избегнуваат воопшто да следат медиуми и ја губат довербата во нив. Оваа борба големите и професионалните медиумски куќи нема да може да ја добијат преку „имитирање“ на непрофесионалците, туку со конзистентно спроведување на професионалните новинарски и медиумски правила и практики, едукација на публиката и враќање на довербата во медиумите, смета тој.
Во однос на тоа дека постои голем наплив на социјални медиуми, а со тоа и самите политичари неретко станаа извор на ширење лажни вести и кој е начинот да се справиме со тоа, Сарачини вели дека со експанзијата на социјалните мрежи, кои стануваат повлијателни и од традиционалните и од онлајн медиумите, не само политичарите, туку и секој човек кој има широк круг на пријатели или следбеници, стана медиум и има можност да влијае на јавното мислење.
– Дел од политичарите се и самите извори на дезинформации и ги користат социјалните медиуми за да шират невистини преку мрежите на профили и страници кои ги контролираат или се блиски до нив. Потоа, таквите дезинформации се засилуваат не само од медиумите што се блиски до одредени политички опции или политичари, туку и од медиумите што не ги проверуваат објавите на политичарите, туку само ги пренесуваат. Затоа, новинарите и професионалните медиуми треба да се вратат на еден од основните постулати на професијата – да проверуваат пред да го објават тоа што го изјавуваат или објавуваат политичарите. Тоа е професионална обврска на новинарите, вели Сарачини за МИА.
Во однос на тоа дали со оглед на постоечките економски и општествени услови може да имаме квалитетно новинарство кое ќе се бори против лажните вести, тој вели дека економските услови во кои работат македонските медиуми подолго време се навистина тешки, а состојбата постојано се влошува.
– Со години зборуваме и е општопознат факт дека земјава е мал пазар и не може да издржи толку голем број медиуми колку што имаме. Состојбата резултира со економски слаби медиуми, кои мора да бараат поддршка за нивниот опстанок најчесто од политиката, што ја поткопува нивната независност, ги прави подложни на политички влијанија и ги претвора во средства за пропаганда и остварување на политички интереси, а не на јавниот интерес, оценува тој.
Со тоа, вели Сарачини, најмногу трпат новинарите, кои се слабо платени и творат во тешки материјални и технички услови и се соочуваат со разни економски, но и политички притисоци и во таков амбиент, според него, не можеме да зборуваме за борба за квалитет, туку за борба за опстанок, во која страда квалитетот, а и правото на граѓаните да добиваат точни и квалитетни информации што ќе им овозможат да прават информирани извори.
– Сепак, решенија за овие проблеми има, но тие не се брзи решенија, туку реформски процеси кои траат подолго време и за кои треба свесност, меѓусекторска соработка и волја за коренити реформи – и кај политичарите и институциите, и кај медиумските сопственици, но и кај самите медиумски професионалци, посочува тој.
Кристофер Егеберг, директор на норвешката организација „Фактиск“, која е дел од меѓународната мрежа на проверувачи на факти, вели дека денес луѓето и публиката генерално се многу посвесни дека ги „хранат“ со дезинформации, дека има опасни теории на заговор и дека лажните вести се вистински проблем.
– Кога почнувавме пред шест години во Норвешка, бевме некако наивни мислејќи дека работиме на забавување на тренд што доаѓа однадвор, од САД и од другите делови на светот, за нешто што го немавме во Норвешка. Мислевме дека лажните вести и дезинформациите не се голем проблем во Норвешка, но сега, шест години подоцна, гледаме дека лажните вести и дезинформациите се голем дел од јавниот дискурс и дека се под површината, а на површината дојдоа за време на случувањата со Ковид пандемијата во САД со QAnon движењата, движењето на антиваксерите, рече тој.
Денес, вели Егеберг, гледаме дека проблемот не е само на медиумите, туку е голем проблем за целото општество.
– Кога ние почнувавме, многу луѓе, па и Владата и премиерот, јавно посочуваа дека лажните вести се проблем со кој треба да се справат само медиумите. Денес сите се согласуваат дека лажните вести, дезинформациите и теориите на заговор се проблем со кој треба да се справува целото општество. Но, дали ја добивме таа битка? Мислам дека досега не водиме во битката, но сега можеби сме во позиција да се справиме холистички целото општество и да не ги оставиме новинарите сами да ја бијат битката, изјави Егеберг.
Тој е уверен дека има шанси да се добие таа битка.
– Мислам дека сега луѓето, генерално и публиката, е многу посвесна дека ги „хранат“ со дезинформации, дека има опасни теории на заговор и дека лажните вести се вистински проблем. Силно верувам дека ова е поради ковид пандемијата, дека ова е толку многу на површината, што луѓето сега се посвесни дека потпаѓаат на ваква пропаганда. Сега, она што ние мораме да го направиме, е да ja изградиме медиумската писменост, за тие самите да можат да се борат против тоа. Како и со вирусот, мора да создадеме вакцина, затоа што мислам дека не можат ниту новинарите, ниту владите, сами да се борат против ова. Мислам дека луѓето треба сами да се борат против дезинформациите, да станат медиумски пописмени и да внимаваат што читаа на социјалните мрежи и интернет, нагласува Егеберг.
Политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации
Меѓу македонските граѓани доминира мислењето дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Голем дел од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизиите, Фејсбук и веб-сајтовите, но многу малку им веруваат на медиумите. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за способноста на граѓаните да препознаат и да се справат со дезинформации, што ИКС го реализирал во текот на октомври како дел од проектот „Користи факти“.
Граѓаните сметаат дека политичките партии најмногу шират дезинформации во земјава, а на второ место се медиумите, покажува испитувањето на јавното мислења. Според перцепцијата на испитаниците, помал дел од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто сметаат дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации.
Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и политичките партии.
Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации и сметаат дека понекогаш им се случува и тие самите да споделат неточни информации.
Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат, помал дел сметаат дека тоа им се случува често, додека повеќето сметаат оти понекогаш им се случува да споделат вести што се неточни.
Граѓаните најчесто се чувствуваат вознемирено во случаите кога ќе воочат дека прочитале дезинформација. На 30 отсто од испитаниците им е сеедно, додека по 10 отсто одговориле дека се многу лути или дека се смеат во таквите случаи. Чувството на лутина и вознемиреност е позастапено кај повозрасните групи граѓани.
– Сензациите најмногу „палат“ кај најобразованите. На испитаниците во истражувањето им беа понудени неколку наслови за иста вест, а резултатите покажаа дека поголем дел испитаници би избрале да читаат вест со неутрален наслов. Доколку се анализираат податоците според нивото на образование, поголем дел испитаници со завршени постдипломски студии, докторат или специјализација би читале вест со сензационалистички односно лажен наслов. Од друга страна, пак, граѓаните со завршено основно, средно или високо образование најпрво би избрале да читаат вест со неутрален наслов, велат од Институтот за комуникациски студии.
Резултатите од анкетата покажуваат дека во земјава е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформации и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии. Очигледно е дека политичарите први треба да ги засукаат ракавите односно да понесат одговорност и да се воздржат од ширење лажни вести за дневно-политички цели.
Од европските програми за поддршка на медиумите во Западен Балкан 400.000 наменети за Северна Македонија
Европската комисија во моментов има финансиска асистенција во регионални програми за Западниот Балкан наменети поддршка за слобода на медиуми, нивно пост-ковид закрепнување, градење на доверба во медиумите и јакнење на правната експертиза за слобода на изразувањето.
Поддршката за Северна Македонија, освен за Црна Гора, изнесува меѓу најмалите во однос на останатите земји од Западен Балкан и е 400.000 евра. Од нив, 100.000 евра се директна поддршка за Советот за етика на медиумите (до декември 2022) и 300.000 евра техничка асистенција за усогласување на националната медиумска легислатива со законодавството на ЕУ и медиумските стандарди (до август 2023).
За Црна Гора ЕК се издвоени 130.000 евра (2021-2023) во мали грантови рамки на Европскиот фонд за зајакнување на демократијата.
За Косово поддршката од ЕУ за медиумите изнесува 1,5 милиони евра, додека за Албанија 376.500 евра.
За Босна и Херцеговина финансиската асистенција на ЕУ е 476.500 евра (2021-2023).
За Србија ЕК издвојува 3,42 милиони евра, од кои 2,4 милиони се за поддршка на медиумите, со цел да ги надминат економските предизвици на Ковид-пандемијата (2020-2023). Натаму 320.000 евра се за зајакнување на слободата на изразување и квалитетното новинарство во дигиталната средина, а 699.438 евра се директна поддршка на Советот за печат на Србија (2022-2026).
Следете не, не има насекаде