Поранешниот шеф на дипломатијата и на секторот европски прашања, Никола Димитров формира невладина организација под името Солуција. Во описот освен краткото име Солуција се додава и подолга референца, а тоа е дека полето на дејствување ќе биде – Балкански центар за конструктивни политики.
Промоцијата ќе биде в четврток на 27 април, преку мини дебатен настан наречен „Македонски ден на мрмотот“, на кој ќе учествуваат звучни имиња како Филип Рикер, некогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу и Рајнхард Прибе. Тројцата се добро познати на домашната и на светската јавност. Рикер е поранешен амбасадор на САД во Македонија, кој извршуваше и високи позиции во Стејт департментот поврзани со регионот, Прибе е човекот кој се обиде да ја стави нашата земја на реформски колосек но само делумно успеа, а Јоргос Папандреу е припадник на легендарната грчка политичка династија кој кратко беше премиер на Грција за време на бурните настани од должничката криза.
Невладината организација ќе ја претстави Димитров кој е нејзин претседател и коосновач, а високите гости ќе бидат панелисти кои ќе говорат на темата на настанот – излез од лавиринтот на корупцијата и клиентелизмот.
Меѓутоа она што ја интересира политичката јавност на Македонија со оглед на политичката биографија на Димитров е дали групацијата околу него ќе прерасне во партија со оглед дека тој долго време беше во врвот на македонската политика и дипломатија, што е основа за продолжување на неговите политички амбиции.
Како што дознава Нова за почеток на Димитров му се приклучува групата „Шанса за центар“ на советничката во скопската општина Центар Јана Белчева Андреевска. Се тврди и дека околу Димитров ќе орбитрираат и екс-директорката на Сорос во Македонија Фани Каранфиловска, новинарот и колумнист Ивор Мицковски и други.
Извор:Тв Нова
The post Никола Димитров ги собира незадоволните од СДСМ appeared first on Шило Магазин.
Следете не, не има насекаде