За новогодишните празници исполнетоста на хотелските капацитети ќе биде намалена за дури 30 проценти споредено со претходните години.
Поголем дел од хотелите на охридско-струшката ривиера ќе останат затворени за време на зимскиот период, а некои ќе организираат само новогодишна прослава и веднаш потоа ќе прекинат со работа.Според претседателот на Асоцијацијата на хотелиери- ХОТАМ Крсте Блажески, главната причина за намалениот интерес на гостите, особено на оние од странство е економска.
„Цените се зголемени поради поскапената струја, но и како резулат на покачените цени на сите артикли и производи“, изјави Блажески за „Локално“.
Сумата која треба да се издвои за нововодишниот дочек и неколку ноќевања оваа година е зголемена за 30% .Во зависност од разновидноста на понудата ( категорија на хотел, број на ноќевања) цената се движи од 30 до 300 евра.
„Ова прецизирање е потребно е за да не се создаваат забуни како последица на некои написи, како на пример оној дека дочекот во Нова Година во Охрид чини исто како во Париз. Не е исто, ако се има предвид што се нуди во Париз за таа цена, а што во Охрид“, посочува Блажески.
Како дополнителен, отежувачки фактор кој ги отргна странските гости од прославување во нашата држава го посочува фактот дека оваа година отсуствуваат какви било понуди за пречек во општините, а недостасува и новогодишна атмосфера бидејќи украсувањето е минимално и помалку од скромно.
Дел од хотелиерите веќе излегоа со тмурни бројки во однос на досегашниот број на резервации за новогодишните празници. Дали веќе имате анализа за колку ќе биде намалена исполнетоста на хотелските капацитети и каде ги препознавате главните причини за намалениот интерес на гостите?
-Очекувањата не се исполнети максимално како што имавме замислено. Оваа година ќе имаме помалку гости, особено од странство кои порано најмногу ги исполнуваа нашите хотелски капацитети.Ова се должи на повеќе причини. Една од главните е поскапувањето на цените кои неминовно мораа да се случат поради покачената цена на струјата, како и поскапените артикли и производи. Светската криза се чувствува секаде, не само во Македонија. Се намалува бројот на граѓаните од странство кои порано можеле да си дозволат да отпатуваат 3-4 дена во некоја од соседните држави, и тоа се забележува во однос на самите резервации. Голем број од хотелите, особено оние поголемите од Охридско струшкиот регион одлучија да затворат оваа зима ( во период од 2-3 месеци).
Овој чекор за нив носи многу помали трошоци отколку загубите кои би ги имале доколку го држат хотелот отворен, во услови на скапи енергенси. Оттука, дел од хотелите во Охрид ќе останат затворени, а дел ќе работат за Нова Година и веднаш потоа ќе затворат. Во јануари и фебруари хотелските сместувачки капацитети во Охрид и Струга ќе бидат речсии за половина намалени во однос на минатите години.Генерално, исполнетоста на хотелските капацитетиза новогодишните празници ќе биде намалена за околу 30%. Во актуелните услови, и доколку хотелот е отворен, по завршување на новогодишната прослава може да се регистрира загуба.Најголемиот број од странските гости се од Србија, Бугарија, Грција, Албанија, но оваа година се значително намалени резервациите од овие држави.Причината не е политичка, туку, како што веќе споменав, таа е економска.
Дали можеби причината за намалениот интерес на гостите треба да ја регистрираме и во покачените цени на хотелските аранжмани?Некои од медиумите излегоа со тврдења дека новите износи се еднакви на сумите кои се потребни за посета на некои од атрактивните европски туристички дестинации
-Ако порано цената за Новогодишната прослава и некое ноќевање изнесувала 200 евра, оваа година изнесува 300 евра, односно е зголемена за нешто повеќе од 30%.Имајќи ги предвид сите поскапувања, особено на струјата , цената треба да биде многу поголема, но тоа не може да се постигне и затоа се работи со помали маржи. Не можеме да посочиме една, конкретна цена бидејќи таа зависи од разновидноста на понудата. Таа може да биде со три ноќевања, две ноќевања, само за Новогодишна прослава, зависи дали е хотелот со 5 ѕвезди или помалку, дали е во обичен ресторант, итн…Значи, во зависност од понудата цените се движат од 30 евра, па се до 300 евра.Ова прецизирање е потребно е за да не се создаваат забуни како последица на некои написи, како на пример оној дека дочекот во Нова Година во Охрид чини исто како во Париз.Не е исто, ако се има предвид што се нуди во Париз за таа цена, а што во Охрид.Треба да се знае колку ноќевања се предвидени во рамките на оваа цена,која категорија на хотел , итн..Трошоците не можат да бидат исти во хотел со 2 ѕвезди со сние во 4 ѕвезди.
Хотелиерите забележаа дека отсуството на какви било понуди за пречек во општините, како и минималното украсување се подеднакво важен фактор за намалениот број резервации?
-Уште почетокот на целата ситуација, постојано се зборуваше за штедење. Како резултат на ова, многу мал број на градови ги украсија плоштадите и населбите на почетокот на Декември.Новогодишнотото украсување и осветлување се значаен дел во целокупната понуда и во начинот на првлекување на туристи. На гостите тој декор им е важен, сакаат да ја почувствуваат новогодишната атмосфера, се сликаат и потоа ги споделуваат фотографиите по социјалните мрежи.Ние немавме украсување,некаде почна дури деновиве, но е веќе доцна и нема ефект бидејќи веќе помина католичкиот Божиќ.Сите ние гледаме како е по големите градови низ Европа, и таму сликата е целосно различна од оваа кај нас бидејќи таму украсувањето почна уште од почетокот на Декември.
Што ќе се случи со вработените во хотелите кои ќе бидат затворени неколку месеци? Како ќе биде регулиран нивниот статус?
-Решенијата ќе бидат различни и условени од одлуките на секој од хотелите.Некои ќе исплатат 70% од износот на платите а некои 100%, , а најверојатно во тој период ќе се користат минатогодишните одмори.Повеќето од хотелите се сезонски, не работат со полн капацитет во текот на целата година, па не можеме да очекуваме некои “екстра’’ плати. Оттука, не може да се крати од тој минимум бидејќи треба да се преживее.Очекуваме тешки времиња, но тоа е ситуацијата… гледаме кои се инвестициите во хотелиерството.
Каде треба да ги бараме причините поради која отсуствуваат поголеми инвестиции во македонското хотелиерство?
-Одговорот на ова прашање не е едноставно.Би ви предочил само еден пример. Слушам тврдења дека во Албанија е многу поефтино, дека голем број од граѓаните од Охрид одат таму на ручек…Цената на храната е речиси иста, но каде е клучот?Неколку пати сум бил во Албанија и никаде не сум добил фискална сметка, а во Македонија пак тоа е неизбежно, особено кога се во прашање хотелите и ресторантите.Со самата фискална сметка ние имаме 18% разлика. Тука да бидеме малку поконкурентни, односно да го намалиме тој данок за сите да можат да го платат. Од друга страна, најмалку 30% во државата работат со кеш и не плаќаат данок. Во моментов, за жал , тие се оние кои остваруваат профит. Различен однос постои и кон големите компании, за разлика од оној кон малите и средни фирми кои државата ги заштити бидејќи им овозможи пониска цена за електрична енергија. Па зарем на големите компании парите им врнат од небо? Дел од нив веќе почнаа да затвораат, а реперкусиите ќе се почнат да се чувствуваат наскоро. Затоа велам , се соочуваме во ситуација во која “ кој ќе преплива, ќе преплива, а кој се удави, ќе се удави. Затоа е неопходно сите фирми да добијат подеднакви можности, и само така ќе имаме силна економија.
Извор: Локално
The post Блажески: Покачените цени и неукрасените градови им „пресудија” на македонските хотели – драстично намален бројот на странски гости appeared first on 24 Инфо.
Следете не, не има насекаде