„Ќе има одредени промени во нашиот став во ситуацијата кога станува збор за односите со претставниците на меѓународната заедница на Косово. Нема проблем КФОР да си го изврши својот дел од работата како што треба, но сведоци сме дека тоа е не е така“, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за ТВ Прва, зборувајќи за актуелните случувања во Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, премиерката Ана Брнабиќ вчера изјави дека Србија е блиску до донесување одлука да побара враќање на 1.000 војници на Косово според резолуцијата 1244, а Дачиќ оцени дека нејзините вчерашни најави значат дека претседателот Александар Вучиќ сериозно размислува какви понатамошни чекори треба да се преземат во врска со ситуацијата во Косово.
Дачиќ рече дека Вучиќ ќе го информира државниот врв во текот на денот, пред најавеното обраќање до јавноста во 19 часот. Зборувајќи за можноста за враќање на српските сили на Косово, Дачиќ рече дека во резолуцијата 1244 не е дефинирано што е тоа персонал.
„Тој дел никогаш не е разработен и никогаш не е спроведен. Несомнено е дека српските власти не се повикувале често на тој дел од резолуцијата 1244 и официјално не побарале враќање“, рече тој.
Дачиќ оцени дека косовскиот премиер Албин Курти „постојано пали оган“, што претставниците на меѓународната заедница го толерираат.
„Дали меѓународните претставници ќе стигнат да ги изгаснат тие пожари или тие ќе се претворат во општ пожар во целиот регион?“, праша Дачиќ.
Тој посочи дека централно прашање е односот на меѓународните актери кон она што Курти им го прави на Србите.
„Дали тие тоа го осудуваат или толерираат? Дали односот е исправен и праведен или се прикрива дека Курти, ако може, ќе го окупира и северот на Косово“, рече Дачиќ.
Шефот на дипломатијата рече дека следната недела во Белград ќе дојдат советникот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и државните министри за Европа на Франција и Велика Британија.
„Прашањето е дали тоа што го прави Приштина го сметаат за нивно легитимно право или ќе го спречат она што го прави Курти, во согласност со Бриселскиот договор“, рече Дачиќ.
Говорејќи за евентуалното испраќање сили на Косово без да добие согласност, Дачиќ посочи дека за тоа треба многу размислување и дека тоа би значело влегување во војна. Тој потсети дека црвените линии за Србија се дека не сака нови преговори за Бриселскиот договор и ЗСО, ниту Косово во ОН, како и физичка безбедност на Србите на Косово.
„Ако никој не може да гарантира дека може да ја зачува безбедноста на Србите, ве потсетувам дека Вучиќ рече дека нема да дозволи повторување на погромот“, рече тој и додаде дека е важно да се исцрпат сите позиции кои значат дека Србија вложила максимални напори за зачувување на мирот.
„Бараме почитување на резолуцијата 1244, на Бриселскиот договор, да се продолжи дијалогот и да се решаваат проблемите по мирен пат, да нема малтретирање на граѓаните. Тоа треба да го обезбедат меѓународните сили. Ако не можат тоа да го обезбедат, а нападот врз Србите започне, тоа ќе биде ситуација во која Србија нема да има избор“, рече Дачиќ.
Тој порача дека е време да се смени ставот на меѓународната заедница.
„Додека е Курти таму, нема дипломатија, ниту каков било план на Франција и Германија или други планови. Курти може да зборува и да лаже, но никогаш нема да го прифати планот, бидејќи во него не пишува дека Србија треба да го признае Косово“, изјави Дачиќ.