„Астроботик технолоџи“, компанијата што го разви лунарниот лендер „Перегрин“, објави помалку од 24 часа по неговото успешно лансирање дека се откажува од мисијата за слетување на лендерот на Месечината. Компанијата наведува дека имало критична загуба на погонско гориво поради истекување во леталото.
По успешното лансирање и одвојување од ракетата, „Перегрин“ не можел да се постави во положба свртена кон Сонцето, најверојатно, поради проблем со погонот, и не можел да ги полни батериите, пишува Си-ен-ен. Тоа беше првата американска мисија за слетување на Месечината од 1972 година, односно од ерата на мисиите „Аполо“. Ако сè се одвиваше според планот, лендерот требаше да слета на Месечината на 23 февруари.
Покрај научните инструменти на НАСА, лендерот превезувал и пратки од две други компании. Фирмата „Селестис“ објави дека нејзината пратка содржи 69 индивидуални останки вклучувајќи ги и оние на починатиот креатор на „Ѕвездени патеки“, Џин Роденбери, писателот на научна фантастика, Артур Кларк, и кучето по име Индика-Нудл Фабијано.
Клиентите плаќале цени почнувајќи од 12.995 долари за испорака, според веб-страницата на компанијата. Народот Навахо, најголемото домородно племе во Америка, изрази загриженост поради присуството на кремирани човечки останки на леталото нарекувајќи ја мисијата сквернавење на Месечината, која има свето место во нивната култура.
Што се однесува до научниот аспект, НАСА имаше пет инструменти на „Перегрин“ за мерење на нивото на радијација, површинскиот и подземниот воден мраз, магнетното поле и екстремно тенкиот слој на гас – егзосферата. Мисијата беше да се анализира составот на егзосферата на Месечината и да се следи како таа се менува во текот на осум или повеќе дена на Земјата.
„Перегрин“ исто така требаше да истражи како точно молекулите на водата се ослободуваат од површината во текот на денот и повторно се заробуваат ноќе, односно подобро да нè води до механизмот зад циркулацијата на водата на Месечината.
Во август минатата година Индија стана четвртата земја досега што успеа да изврши меко или контролирано слетување на Месечината откако Русија не успеа да го стори тоа истиот месец. САД, Кина и поранешниот Советски Сојуз се единствените што го постигнаа тоа досега.
Меко слетување на Месечината или кое било друго небесно тело значи контролирано спуштање вселенско летало на површината, без значително оштетување на леталото и/или неговите научни инструменти.
Тешкото слетување се однесува на спуштање на земјата, при што има значителни оштетувања на леталото и при кое често доаѓа до губење контакт. Овој тип на слетување може да биде намерно или планирано, но може да биде и неуспешен обид за меко слетување.
Мисијата „Перегрин“ беше организирана како дел од програмата на НАСА за истражување на Месечината, „Артемида“. Друга приватна американска компанија во рамките на оваа програма на НАСА планира да го лансира својот лендер во февруари на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс икс“.
The post ВИДЕО: По 50 години, САД се обидоа да испратат вселенско летало на Месечината, мисијата не успеа appeared first on info.mk.
Следете не, не има насекаде