септември 19, 2024

Радовишкиот градоначалник Ацо Ристов ја најде изгубената новогодишна елка во неговиот град, го украси градот, но дали пријавил кој ќе плати за “доброто“ дело, не кажува. Откако пред два дена Ристов и објасни на јавноста дека во Радовиш елката не е украдена, туку дека била поставена, па тргната со цел да се уцени и рекетира, тој се пофали дека само за два дена, со помош на донатори и фирми успеал да обезбеди се што е потребно да се украси градот.

“Не знам зошто ве интересира кои се фирмите кои го финансираа украсувањето“, одговори Ристов во телефонскиот разговор на прашањето кој го помогнал новогодишното разубавување на Радовиш.

Но, на наше инсистирање дека нема ништо лошо да се каже кои се донаторите и пријателите на Радовиш, тој додаде:

“Се работи за донација од рудниците Бучим и Боров дол. Тие ќе им платат на фирмите кои го украсија градот. Ако сакате ќе ви дадам и нивен контакт за да ви потврдат“, ни изјави Ристов.

Според законската регулатива, секоја донација или спонзорство во општина, град мора да помине пред советниците избрани од граѓаните. Советот на кој било град или општина е телото кое одлучува дали ќе го прифати спонзорството или донацијата на пари. Доколку советниците дадат зелено светло, се отвора посебна сметка исклучиво за таа намена и тие пари се трошат единствено и само за таа цел. Во спротивно, доколку Советот не го одобрил спонзорството или донацијата, таквата постапка се смета за подмитување или народски давање мито на градоначалникот.

“Знаеме што се случуваше со украсувањето во Радовиш, но за да преземеме одредени чекори, мора да разговараме на колегиум. Доколку се утврди дека постои основа за покренување истрага, тоа и ќе го направиме и ќе поднесеме преставка“, вели Билјана Ивановска од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Пред два дена Ристов околу случката во неговиот град, кога од плоштадот ја снема накитената новогодишна елка изјави:

“Фирмата погрешно настапила, бидејќи годинава го украсила градот без притоа да потпише договор, а потоа побарала 7.000 евра од општината за елката и украсите, кои само се изнајмуваат и не ѝ остануваат трајно на општината. Нема да дозволиме некој да нè уценува и да нè рекетира. Почнаа и притисоците и уцените од фирмата дека доколку не се плати, ќе си ја соберат елката. Јас не сакам никој да ме уценува за нешто што не сме го побарале. Едноставно, не сакав да продолжи оваа коруптивна шема, што била разработена во годините наназад. Реков дека нема да платиме и тие во саботата си ја собраа елката“, објасни Ристов.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK