септември 19, 2024

Во 2022 година, бројот на баратели на азил се зголеми за над 50 проценти. Не сметајќи ги бегалците од Украина. Најомилена цел и натаму е Германија.

– Апсолутно е јасно дека бројот на баратели на азил ќе продолжи да расте и во новата година, вели директорката на Европската канцеларија за азил (EUAA) Нина Грегори во интервју за медиумската куќа „Функе“. „За жал, не престанаа нестабилностите и заканите кои предизвикуваат доаѓање на се поголем број баратели на азил во Европа“, изјави словенечката политичарка.

Германија забележа најголем пораст на барањата

Во првите десет месеци од 2022 година во Европската Унија се поднесени речиси 790.000 барања за азил, што е зголемување за 54 отсто во однос на истиот период лани. Граѓаните на Сирија и натаму се на прво место по бројот на барања, а потоа следат жителите на Турција и Авганистан.

Трендот на зголемување на бројот на баратели на азил се одразува и во бројките забележани во Германија. Овде, до крајот на ноември, барање поднеле 190.000 лица, што е зголемување за 43,2 отсто во однос на лани. Германија останува дестинација број еден за барателите на азил. По Германија по бројот на евидентирани барања следат Франција, Шпанија, Австрија и Италија. Најмал број барања за азил забележа Унгарија.

Речиси пет милиони бегалци од Украина

Грегори вели дека геополитичките случувања продолжуваат да влијаат на „високото ниво на потреба од заштита“, а со тоа зголемен број пристигнувања во Европската Унија. Бројките, додаде таа, во моментов сепак сè уште се пониски од рекордните во 2015 година и 2016 година, кога само во Германија пристигнаа над милион бегалци.

Во оваа статистика EUAA не ги вклучува граѓаните на Украина кои побарале заштита по нападот од Русија. Според информациите со кои располага Грегори, во моментов во ЕУ престојуваат околу 4,7 милиони бегалци од Украина, од кои над еден милион се во Германија. Доаѓањето на голем број бегалци од Украина ги „доведе капацитетите на ЕУ до работ на границите за прифаќање“

Таа ги предупреди земјите-членки на Европската Унија да не го отежнуваат спроведувањето на реформата на системот на ЕУ за прифаќање бегалци и баратели на азил, за која се разговара со години.

Според неодамна објавеното истражување на јавното мислење, огромното мнозинство бегалци од Украина имаат намера да останат во Германија и по завршувањето на војната во нивната земја. 

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Generated by Feedzy
mk_MK
mk_MK