ноември 23, 2024

Стресот околу новогодишните празници многу често се одразува на врската, особено ако сте во брак. Мислите на пари, на шопинг, на семејството, на децата и сето тоа влијае на вашиот однос со партнерот.

Овој притисок, заедно со размислувањата за годината што изминува и рекапитулациите за вашите достигнувања, придонесува да направите реевалуација и на вашата врска.
Тоа често може да избие во расправии со партнерот што понекогаш не знаете ни самите од каде се појавиле. Затоа не се оптоварувајте со помислата дека само вие се расправате со партнерот околу празниците.
Експертите за врски ги издвојуваат овие најчести расправии со партнерот во новогодишната сезона што може да одекнат како темпирани бомби, но и нудат решенија како да ги одбегнете или барем да спречите да прераснат во нешто поголемо и да ви ги уништат празниците.

Немате време за себе
Ако сте личност на која ѝ е потребно да има време само за себе, празниците може целосно да ве исцрпат.
Ако се чувствувате дека сте влезени „во машинерија“ и имате премногу обврски, не се истурајте на партнерот бидејќи можно е да не е само тој виновен за хаосот околу вас.
Потсетете се дека празниците се период за славење, за семејството, за љубовта и благодарноста, па одредете приоритети и делегирајте ги обврските.
Исто така, не заборавајте дека овој хаос е привремен.

Ја преиспитувате врската
Ако со партнерот не сте на „иста бранова должина“ во поглед на иднината на вашата врска, во празничниот период чувството на незивесност се засилува.
Дали врската станува посериозна, дали ќе почнете да живеете заедно, дали ќе се венчате, дали да имате дете, дали да имате второ дете?
Преиспитувањето на животните одлуки на крајот на годината е нормално, а најчесто врската е на прво место за анализа.
Празничната атмосфера, чувството на романтика и блискост ги „подгреваат“ размислувањата за иднината, но бидете реални и искрени, најпрво со себе.
Преиспитајте се прво што навистина очекувате вие од врската, на страна од „празничното лудило“ и отворено разговарајте со партнерот, без да го обвинувате од старт.
Најверојатно и тој ги „преџвакува“ истите мисли, па оставете го да се искаже. Исто така, бидете подготвени дека можеби нема да го добиете одговорот што го посакувате.

Се чувствувате запоставено
Во овој период сите се естра зафатени, па може да почнете да се чувствувате како да живеете во различни светови со партнерот, особено ако не ги поминувате празниците заедно.
Наместо да гледате само од вашата страна, помислете дека и партнерот исто така е без вас. Поттикнувајте разговори за неговиот личен живот, како го поминал денот, како се чувствува.
Ако сте дома заедно, а не поминувате време навистина заедно поради обврските, кажете му го тоа на партнерот и направете распоред што ќе ви одговара на двајцата, пред да почнете со вперување прст.

Расправии за пари
Парите генерално се причина број еден за расправии меѓу партнерите.
Во празничниот период финансиите се најголем извор на стрес за секого, а тоа се одразува и на врската, без разлика дали живеете заедно со партнерот или не.
Во истражување на Credit Karma во кое учествуале 1.000 испитаници, било заклучено дека 82% од луѓето се под стрес поради големите трошоци околу празниците.
Ако личната и/или семејната финансиска состојба ви создава стрес, не се истурајте на партнерот, туку искрено разговарајте за тоа.
Ако немате пари за некоја екстравагантна новогодишна прослава или празнично патување, кажете отворено наместо да си причинувате поголем стрес и да го обвинувате партнерот кој можеби не знае за тоа.

Секс
Околу 25% од луѓето чувствуваат голема исцрпеност во празничниот период, а 68% чувствуваат повремена исцрпеност.
Ова нѐ прави раздразливи, тажни и гневни, па не бидете изненадени ако се одрази на сексуалниот живот.
Стресот е најголем инхибитор на сексуалната желба, па прво поработете на тоа да го намалите нивото на стрес.

Без разлика дали вие, партнерот или и двајцата имате намалена желба за секс, најдоброто решение е да разговарате за тоа, а не веднаш да влезете во расправија во која ќе изразите само незадоволство, а најчесто ги тргате на страна чувствата.
Не заборавајте дека ова е само период и дека ова не е вашата вообичаена рутина.

Следете не, не има насекаде

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mk_MK
mk_MK