Македонската фудбалска репрезентација затвора едно бурно поглавје со завршувањето на 2022 година, кое можеше да биде многу поуспешно, но вака ни покажа до каде ни е потенцијалот, но и колку лесно можеме да паднеме далеку под можностите. Селекторот Благоја Милевски даде своевиден отчет во интервју кое го пласираше Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на својата веб-страница, во кое ги споделува своите согледувања за годината која изминува.
Македонија ја совлада Италија во Палермо, во март и го потресе светот со таа вест. Дојде на 90 минути до пласман на СП, но потоа загуби од Португалија во Порто со 0-2. Убавите спомени од Сицилија останаа само тоа и не донесоа некаков резултат во предизвиците кои следеа. Македонија имаше потпросечен настап во Лигата на нации со два пораза од Грузија, реми и домашен пораз од Бугарија, а падот го потврдија и пријателските средби со Финска и со Азербејџан есенва, на кои забележавме реми и пораз.