Состојбата на зголемена борбена готовност во вооружените сили на Србија е укината со одлука на претседателот и врховен командант Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.
Борбената готовност беше прогласена на 26 декември поради ситуацијата на северот на Косово. Тогаш Вучиќ како врховен командант на српските вооружени сили нареди војската и сите единици на МВР да бидат на највисоко ниво на борбена готовност.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изрази „голема благодарност до претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Србите од Косово и Метохија“ што, како што наведе, „нашле сила да одговорат на бруталниот терор и агресија со речиси безгранично трпение, посветеност на мирот, мудрата политика и дијалог со сите оние кои на кој било начин можеле да придонесат за зачувување на мирот“.
– За жал, верувам дека тука не е крајот на провокациите на Курти, но се надевам и верувам дека меѓународната заедница ќе се погрижи постигнатите договори во последните 24 часа да се почитуваат за да се зачува овој момент на мир и стабилност, како би се свртиле кон исполнување на Бриселскиот договор, напиша таа на Твитер.
Брнабиќ им се заблагодари и на меѓународните партнери кои помогнаа да се зачува мирот.
Специјалниот претставник и шеф на мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК), Каролин Зијаде ги поздрави сите мерки за смирување на тензиите на северот на Косово, вклучително и отстранувањето на барикадите.
Таа оддаде признание на макотрпните напори на сите страни, вклучително и меѓународните партнери, да се осигура безбедноста на населението на Косово во сите заедници.
Зијаде ја истакна важноста од почитување на обврските и продолжување на разговорите со цел целосно решавање на отворените прашања и нормализирање на односите без одлагање, се наведува во соопштението на УНМИК.
Се очекува денеска отстранување на барикадите на северот на Косово. Засега е отстранета барикадата на пунктот Мердаре од правец на Куршумлија. Во текот на ноќта биле опожарени два камиони кои биле поставени на мостот кај Дудиниот крш како блокада на патот.
Следете не, не има насекаде