– Нема развојна фаза на нашата држава во која што ние не сме добивале помош од нашите меѓународни партнери за градење на институциите и за важни процеси, било тоа да е пржинскиот процес, реформите поврзани за НАТО, кои ги правевме во Министерството за одбрана, во МНР и во сите други области, така и со реформите за ЕУ. Прашањето на борба против корупција не е ново кај нас. Ние формиравме Специјално јавно обвинителство во 2015 година заради тоа што институциите беа заробени за да може да се процесуира корупција, рече Маричиќ во гостувањето на „Само вистина“ во однос на барањето помош од САД за справување со корупцијата.
Ние со сите оние работи кои што сме ги направиле, вели тој, се уште имаме проблеми. Немаме направено ветинг кој што го ветувавме од 2017 година, а не го направивме затоа што не добивме поддршка од ЕУ.
Во однос на ангажманот на американскиот тим во земјава кој треба да врши мониторинг врз правосудството и коруптивните актери, Маричиќ вели дека нивната помош ќе биде и преку поддршка за институциите како еден од инструментите за борба против корупција што ќе биде шанса тие да се доизградат и трансформираат.
– Треба и обвинителството и судството да си го преземат својот дел од работата и резултатите, во смисла на истраги, во смисла на нови случаи, кои што ќе ја вратат довербата, колку толку, во тој систем. Американските пријатели се добредојдени и мислам дека дел од нив веќе се тука, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ потенцира дека „црната листа“ на САД од Северна Македонија се поранешниот премиер Никола Груевски и „шефот на тајната служба од тоа време“.
– Денес не можеме да кажеме дека почнуваме од нула во борбата против корупцијата. Во 2015 се формираше она Јавно обвинителство чии што случаи потоа беа преземени од Обвинителството за организиран криминал и ние како ниту една држава во регионот имаме поранешни министри, кои што издржуваат затворски казни, поранешен премиер кој е осуден правосилно и уште високи функционери вклучувајќи и функционери од актуелната гарнитура – двајца поранешни генерални секретари на Владата. Сакам да кажам дека стартната позиција денес не е иста како пред 2015-та. Ние почнуваме со веќе некој разгазен пат до тука. Дека тоа не е доволно тоа е очигледно, ние можеме повеќе, дефинитивно, нагласи Маричиќ.