– Пакистанската полиција во неколку рации уапси 1.200 авганистански државјани, вклучувајќи жени и деца, кои дошле во јужниот пристанишен град Карачи без валидни патни документи, објавија официјални лица.
Апсењето и фотографиите на социјалните мрежи на уапсените авганистански деца сместени во затворските ќелии предизвикаа критики од Авганистан, кој има лоши односи со соседен Пакистан.
Најмалку 139 Авганистанки и 165 деца се во затвор со висок степен на обезбедување во Карачи, се вели во извештајот објавен овој месец од пакистанската Национална комисија за човекови права, која интервјуираше затвореници.
Пакистанските власти денеска објавија дека уапсените ќе бидат депортирани во Авганистан по отслужување на затворските казни за нелегален влез или кога нивните адвокати ќе ја достават потребната документација за нивно ослободување.
Властите тврдат дека повеќето од уапсените, сепак, сакаат да се вратат дома.
Иако Пакистан рутински врши такви апсења, во октомври започнаа серија координирани рации за апсење Авганистанци без валидни документи во Карачи и на други места.
Следете не, не има насекаде