Португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо стави потпис на две ипол годишен договор со Ал Наср, јавија локалните медиуми, додавајќи оти клубот во текот на денешниот ден официјално ќе го потврди трансферот.
Роналдо минатиот месец го раскина договорот со Манчестер јунaјтед, а одлуката каде ќе ја продолжи кариерата ја пролонгираше поради Светското првенство во Катар на кое Португалија беше елиминирана од Мароко во четвртфиналето.
Како што јавуваат извори од Саудиска Арабија, а пренесуваат бројни европски медиуми, 37-годишниот Роналдо треба да биде и амбасадор на Саудиска Арабија во настојувањето на оваа земја, заедно со Грција и Египет, да ја добие организацијата на Светското првенство 2030.
Иако бројките за висината на трансферот варираат, Роналдо во Ал Наср би требало да заработува околу 75 милиони долари по сезоната.
Ал Наср во моментов е водечки тим на табелата во Саудиска Арабија, а последен пат ја освои титулата пред четири години.
Следете не, не има насекаде